(Видео) Бегале од огнот во морето: спасени 200 лица, меѓу нив и деца во страшниот пожар во Хрватска

(Видео) Бегале од огнот во морето: спасени 200 лица, меѓу нив и деца во страшниот пожар во Хрватска

пред 2 часа

Речиси 200 лица, меѓу кои и деца, биле спасени од морето во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот, додека големиот пожар беснеел на подрачјето на Омиш и Макарска.

Според хрватското Министерство за море, сообраќај и инфраструктура, голем број луѓе, во страв од огнот, се засолниле во морето и на пловила. Акцијата за спасување започнала во 23:40 часот.

Во спасувањето учествувале сите расположливи пловила на Капетанијата на пристаништата Сплит и нејзините испостави во Макарска, Милна и Хвар. Биле вклучени и две полициски пловила, брзо пловило на Хрватската крајбрежна стража, пловило на Царинската управа и гумен чамец на Хрватската планинарска спасувачка служба, пренесе „Индекс“.

Во акцијата помогнале и граѓани, како и приватна компанија со патнички брод.

Најинтензивниот дел од спасувањето се одвивал од 00:15 до 02:45 часот. Само службениците на трите пристанишни испостави спасиле вкупно 194 лица, главно со евакуација од брегот и од морето, како и од пловила на кои луѓето се качувале за да се спасат од огнот.

Најмногу интервенции имало на потегот од Немира до Рускамен. Од Министерството наведуваат дека конечниот број на спасени лица ќе биде познат по завршувањето на акцијата, бидејќи во спасувањето учествувале и други служби, граѓани и компании.

„Над нас беснееше огнот“

Меѓу евакуираните е и Карла од Загреб, која е сместена во прифатниот центар на Грипе во Сплит. Таа во бегството од пожарот била повредена и ја изгубила речиси целата своја сопственост, освен документите.

Карла раскажала дека била во автомобил кога огнот ја зафатил магистралата, пишува „Далматински портал“.

„Автомобилите почнаа да горат и потоа се спуштивме кон морето“, раскажала таа.

При бегството кон брегот паднала и се повредила, а засолниште пронашла во мала пештера покрај морето.

„Чекавме околу два часа во една мала пештера покрај морето додека не дојде спасувачката служба. Над нас беснееше огнот“, раскажала Карла.

Иако останала без речиси сè што поседувала, таа вели дека најважно ѝ е што преживеала.

Поради состојбата предизвикана од пожарот, траектната линија Плоче–Трпањ сообраќала без прекин, без следење на вообичаениот ред на пловидба.

По смирувањето на ситуацијата, службениците на Капетанијата на пристаништата Сплит и нејзините испостави продолжиле со превентивен надзор на крајбрежјето погодено од пожарот.

Текстот (Видео) Бегале од огнот во морето: спасени 200 лица, меѓу нив и деца во страшниот пожар во Хрватска е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top