Еден турист беше сериозно повреден откако беше нападнат од американски бизон, мажјак тежок околу 900 килограми, во камп во американскиот Национален парк Јелоустоун во петокот. Разбеснетото животно го крена со роговите и го фрли 2,5 метри во воздух. Карл Исом-Мекданиел, кој работи во неколку локални совети и комитети во државата Вашингтон, претрпе повеќекратни скршеници.
Нападот беше снимен од професионален фотограф кој рече дека бизонот бил „вознемирен, бесен и напаѓал сè што му се нашло на патот“. Нападот се случил во кампот Бриџ Беј, јужно од областа Фишинг Бриџ, додека Исом-Мекданиел шетал со својот внук.
Службата за национални паркови на САД (NPS), која управува со Јелоустоун, не објави дополнителни детали за нападот. Сепак, професионалниот фотограф Мајк Меклауд од блискиот Бозман, Монтана, го опиша настанот детално за локалниот весник „Каубој Стејт Дејли“. Тој му ја достави снимката на медиумот, која ја објави на YouTube.
„Само се обидував да снимам драматични снимки од бизон кој целосно дивее. Ова целосно ми го промени мислењето за тоа што да очекувам од нив во ова време од годината, бидејќи никогаш не би предвидел дека ќе се случи нешто вакво“, изјави тој.
Според него, бизонот минувал низ кампот. „Тој се приближил до група деца кои го фотографирале со своите мобилни телефони од пристојно растојание, а потоа одеднаш се нафрлил врз нив“, изјави Меклауд за „Каубој Стејт Дејли“.
Тој додаде дека бизонот продолжил да напаѓа низ кампот додека камперите викале и се предупредувале едни со други за опасноста.
Текстот (Видео) Бизон од 900 килограми во Јелоустоун фрли турист 2,5 метри во воздух е превземен од МАКФАКС.




