Францускиот претседател, Емануел Макрон, им се обрати на учесниците на Светскиот економски форум во Давос, велејќи дека ова треба да биде време на мир, стабилност и предвидливост, што предизвика смеа во салата.
Тој рече дека е очигледно дека светот влегува во период на „нестабилност и нерамнотежа“, и безбедносна и економска, предупредувајќи на „поместување кон автократија“ и војни низ целиот свет во текот на 2024 година.
„Конфликтот стана нормализиран“, заклучи Макрон, кој им се обрати на присутните со очила за сонце што ги носеше јавно во последните денови поради инфекција на окото.
Во својот говор во Давос, Макрон предупреди дека светот влегува во период на длабока нестабилност и дека постои закана од „движење кон свет без правила“, во кој меѓународното право се повеќе се „гази“ и преовладува правото на посилниот. Тој оцени дека ова е „многу загрижувачко време“, директно предупредувајќи за агресивната надворешна политика на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Зборувајќи за трговските односи, Макрон рече дека конкуренцијата од Соединетите Американски Држави во склучувањето договори што „ги поткопуваат нашите извозни интереси, бараат максимални отстапки и отворено имаат за цел да ја ослабат и потчинат Европа“, во комбинација со, рече тој, „бесконечното акумулирање на нови тарифи“, е „фундаментално неприфатливо“ за Европа.
„Уште посериозно е кога тарифите се користат како лост за притисок врз територијалниот суверенитет“, рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп утрово јавно сподели порака што ја добил од Макрон, во која предлага состанок на Г7 на самитот во Давос во Швајцарија. Трамп, исто така, рече дека ќе воведе царина од 200 проценти на францускиот шампањ и вино ако е вистина дека Макрон не сака да се приклучи на неговиот „Комитет за мир“.
Извор близок до францускиот претседател утрово изјави дека заканите на американскиот претседател за воведување царина од 200 проценти на францускиот шампањ, поради намерата на Франција да ја отфрли неговата покана за учество во таканаречениот „Комитет за мир“, се неприфатливи.
фото/епа
Текстот (Видео) Макрон со очила за сонце одржа говор во Давос: Се движиме кон свет без правила е превземен од МАКФАКС.






