(Видео) Моќен циклон ја погоди Индија, речиси 100.000 луѓе мораат да ги напуштат своите домови

(Видео) Моќен циклон ја погоди Индија, речиси 100.000 луѓе мораат да ги напуштат своите домови

пред 1 час

Моќниот циклон „Арнаб“, го погоди југоисточниот брег на Индија, носејќи ветрови со ураганска јачина и обилни дождови. Поради екстремните временски услови, властите наредија евакуација на речиси 100.000 луѓе од нивните домови во две индиски држави.

Циклонот се засили доцна синоќа, достигнувајќи статус на „многу силна циклонска бура“. Индискиот метеоролошки завод соопшти дека „Арнаб“ стигнал до копното во државата Андра Прадеш, при што постојаната брзина на ветерот изнесувала од 125 до 135 километри на час, додека налетите достигнувале и до 150 километри на час.

„Многу силната циклонска бура ’Арнаб‘ продолжува да влијае врз копнениот дел“, наведоа од Индискиот метеоролошки завод, истакнувајќи дека бурата го зафаќа крајбрежјето помеѓу градовите Бапатла и Висакапатнам, пренесува „Еуроњуз“.

Речиси 100.000 луѓе принудени да ги напуштат своите домови
Пред пристигнувањето на циклонот, властите им наредија на илјадници жители во државите Андра Прадеш и Одиша да се оддалечат од брегот или да побараат засолниште. Метеоролошки предупредувања беа издадени и од Шри Ланка и Непал. „Заштитата на секој поединечен живот е наш највисок приоритет“, изјави Нара Чандрабабу Наиду, главниот министер на Андра Прадеш, додека циклонот се приближуваше кон брегот.

Во Андра Прадеш, на околу 50.000 луѓе им беше наредено да се евакуираат, додека во Одиша таква наредба добија уште 48.000 лица. Индискиот метеоролошки завод предупреди дека циклонот би можел целосно да уништи куќи со сламени покриви, да предизвика поплави во одредени области и да урне столбови од електричната и комуникациската мрежа. Исто така, беше упатено предупредување за големи штети врз земјоделските култури.

Националната служба за управување со катастрофи соопшти дека повеќе од 12 милиони луѓе живеат во областа низ која се очекува да помине циклонот. Властите поставија повеќе од 2.000 засолништа во 20 окрузи и испраќаат предупредувања за опасност на мобилните телефони на милиони жители, изјави Пракар Џаин, раководител на службата за управување со катастрофи во Андра Прадеш. Повеќе од 30.000 рибарски чамци беа обезбедени долж крајбрежјето за да не бидат однесени или оштетени од невремето. Речиси 1.100 медицински тимови се распоредени во загрозените подрачја и ќе ѝ пружат итна помош на населението, додаде Џаин.

Текстот (Видео) Моќен циклон ја погоди Индија, речиси 100.000 луѓе мораат да ги напуштат своите домови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top