(Видео) Невреме со обилни врнежи од снег и мраз предизвика хаос во Америка

пред 3 години

Силна зимска бура ги погоди централниот и североисточниот дел на САД, проследена со обилни врнежи од снег и мраз.

Невремето предизвика колапс во сообраќајот и доведе до затворање на училишта во неколку американски држави, додека илјадници луѓе останаа без струја.

Предупредувањата за зимска и ледена бура се на сила во поголемиот дел од Америка, од Тексас до Среден Запад и Нова Англија, соопшти Националната метеоролошка служба.

Повеќе од 100 милиони жители во најмалку 25 држави се предупредени за временските неприлики.

Снегот според најавата на метеоролозите ќе биде проследен со ветрови до 56 километри на час, што би можело значително да ја намали видливоста на патиштата, пренесуваат тамошните медиуми.

Невремето предизвика хаос и во авиосообраќајот. До средината на денот, повеќе од 4.000 летови беа откажани, според веб-страницата Флајтавер. Само на аеродромот во Далас, Тексас, откажани се околу 2.000 летови.

Делови од Тексас, Арканзас, Кентаки и Тенеси беа погодени од опасна ледена бура. На некои места може да се формира повеќе од еден сантиметар мраз, што може да доведе до прекин на електричната енергија и опасни услови на патиштата, предупреди метеоролошката служба.

Сè ќе замрзне во текот на ноќта, поради што постои можност на патиштата да има тенки слоеви мраз, што е многу тешко забележливо“, објави на Твитер Секретаријатот за сообраќај на државата Арканзас.

Повеќе од 220.000 домови и продавници во Тексас, Арканзас, Мисисипи и Тенеси се без струја.

Училишните области во неколку држави, вклучително и Тексас, Мичиген и Охајо, ги откажаа часовите во четвртокот.

Поради невремето, температурите на повеќе места во наредните денови ќе бидат екстремно ниски – понекогаш и до 6 степени под просекот.

Share
Scroll to Top