Нови судири избија доцна синоќа во неколку холандски градови во знак на протест против построги владини мерки за спречување на ширењето на инфекцијата со коронавирус.
Петмина полицајци се повредени, а седум лица се уапсени.
Судири меѓу интервентната полиција и демонстрантите избија во Хаг, каде полицијата употреби водени топови за да ја растера толпата.
Помали судири имаше во градот Урку и во градовите во провинцијата Лимбург, каде гневните навивачи прекинаа два фудбалски натпревари кои се одиграа без публика поради правилата за Ковид-19.
Насилството, сепак, беше значително помало од претходната вечер кога, во „оргија на насилство“, како што ја нарече градоначалникот на Ротердам, три лица беа ранети од огнено оружје, а 51 лице беа уапсени.
Холандија минатата недела стана првата западноевропска земја што воведе делумно заклучување оваа есен поради зголемување на заразените со коронавирус.
Мерките ќе важат најмалку три недели, а се планираат и нови, како ограничување на влезот на невакцинирани лица на некои локации.