(Видео) Пожар во Сивири на Халкидики – пораки до туристите и жителите да се оддалечат кон Мола Калива

(Видео) Пожар во Сивири на Халкидики – пораки до туристите и жителите да се оддалечат кон Мола Калива

пред 3 часа

Пожар избувна денеска во Сивири, на Касандра во Халкидики, поради што грчките власти издадоа предупредување преку системот 112 за оддалечување на населението и посетителите од подрачјето.

„Шумски пожар во вашето подрачје. Доколку се наоѓате во Сивири, Халкидики, оддалечете се кон Мола Калива и следете ги упатствата на надлежните“, стои во пораката на цивилната заштита.

Пожарот избувнал во ниска вегетација, а на терен се ангажирани 110 пожарникари, три пешадиски групи и 33 возила. Во акцијата се вклучени и 12 пожарникари од Молдавија со три возила, кои се наоѓаат во Грција во рамките на европската програма за предиспраќање пожарникари.

Од воздух пожарот се гасне со шест авиони и два хеликоптери, а помош обезбедуваат и цистерни на општина Касандра и градежна механизација.

Халкидики денеска е во многу висок степен на опасност од пожари – категорија 4.

Поради ризикот од пожари, од утре, 14 август, од 8 до 20 часот ќе биде забрането движењето на пешаци и возила во одредени шумски подрачја на општините Касандра и Ситонија, а во одредени подрачја на општина Аристотелис забраната ќе важи до 15 август.

Надлежните апелираат до жителите и туристите да ги почитуваат мерките и упатствата на властите. За прекршување на забраната е предвидена глоба од 300 евра.

Текстот (Видео) Пожар во Сивири на Халкидики – пораки до туристите и жителите да се оддалечат кон Мола Калива е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top