Израелската војска привела новинарска екипа на Си-Ен-Ен и неколку Палестинци додека известувале за напад врз жители во селото Тајасир на Западниот Брег, наместо да интервенира против доселениците кои, според наводите, претходно извршиле насилство.
Инцидентот се случил околу 12 часа откако израелски доселеници нападнале Палестинци и поставиле ново населување во селото. Кога војската пристигнала, според извештајот, наместо да ги приведе напаѓачите, се насочила кон локалните жители и новинарите.
„Стој! Седнете! Седнете!“, викал еден од Израелците, вперувајќи пушка кон новинарите и Палестинците. Набргу потоа, еден војник му пришол одзади на фоторепортерот Сирил Теофилос, го фатил во зафат за гушење, го соборил на земја и му ја оштетил камерата. Во рок од неколку минути, екипата на Си-Ен-Ен и неколку Палестинци биле приведени.
Сведоштвата од притворот, кој траел два часа, според извештајот, откриваат ставови на дел од војниците кои, како што се наведува, ја оправдуваат поддршката или пасивноста кон дејствијата на доселениците.
Еден од војниците, кој се претставил како Меир, признал дека населбата што ја штити е нелегална според израелскиот закон, но изразил уверување дека ќе стане легална.
„Но ова ќе стане легално населување“, рекол тој. „Полека, полека.“ На прашањето дали помага во тоа, одговорил: „Секако… му помагам на мојот народ.“
Според него, тактиката на доселениците е да воспоставуваат населби на палестинска земја, сметајќи на заштита или пасивност од војската, а потоа да обезбедат нивна легализација.
Во текот на разговорот, војниците повеќепати изјавиле дека целиот Западен Брег му припаѓа на Израел и на еврејскиот народ, користејќи реторика која, според извештајот, се поврзува со крајно десни позиции. Тие ги опишале Палестинците како терористи и зборувале за одмазда.
„Ако ви го убијат братот, што би направиле?“, прашал еден од војниците. На прашањето дали станува збор за одмазда, Меир одговорил: „Одмазда.“
Израелската војска во реакција за Си-Ен-Ен соопшти дека однесувањето на војниците „не е во согласност со очекуваното“ и најави темелна истрага за инцидентот, но не одговори на прашањата за новото населување и за порастот на насилството.
Во меѓувреме, локалните жители сведочат за сериозни напади. 75-годишниот Абдула Дарагме бил брутално претепан, со скршен череп, повреди на лицето и избиени заби. Неговото семејство тврди дека доселеници упаднале во неговиот дом додека спиел.
„Спиеше. Ова не е нормално“, изјавил неговиот син.
Жителите тврдат дека доселениците влегле во селото, пукале во воздух и напаѓале луѓе, по што до утрото било поставено ново населување.
„Ова е мојот дом, а не се осмелувам да спијам во него“, изјавил еден од жителите, додавајќи дека единствено што му преостанува е да снима.
„Ако дојдат, само ќе држам телефон и ќе снимам… Камерата е моето единствено оружје – единствено со што можам да докажам дека сум невин“, рекол тој.
View this post on Instagram
Текстот (Видео) Со вперени пушки израелската војска приведе екипа на Си-Ен-Ен е превземен од МАКФАКС.





