Јужна Кореја работи на репатријација на корејските работници уапсени во фабриката на „Хјундаи мотор“ во американската држава Џорџија минатата недела, соопшти вчера јужнокорејската претседателска канцеларија, додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави нови имиграциски рации врз компаниите.
„Преговорите за ослободување на околу 300 притворени јужнокорејски државјани се завршени и процесот на нивно ослободување е во тек“, соопшти доцна вчера јужнокорејската претседателска канцеларија. „Работниците ќе бидат вратени со чартер лет штом двете земји ги завршат сите потребни административни и правни чекори“, се вели во соопштението на канцеларијата, без да се прецизира за какви чекори станува збор.
Новинската агенција Јонхап го цитираше генералниот конзул на Јужна Кореја во Вашингтон, Чо Ки-џунг, кој изјави дека работниците веројатно ќе се качат на авионот во среда.
Претставниците на Министерството за внатрешна безбедност на САД не одговорија веднаш на барањето за коментар, а шефот на граничната патрола Том Хоман вети дека ќе го зголеми бројот на рации за имиграција на работните места.
Апсењето на околу 475 работници во фабрика во близина на Савана, дел од ескалирачката акција на Трамп против имигрантите, е најголемата операција за спроведување на законот на една локација во историјата на Министерството за внатрешна безбедност на САД.
фото: принтскрин
Текстот (Видео) Јужна Кореја: Во тек е ослободување на 300 работници уапсени во САД е превземен од МАКФАКС.