Внуката на поранешниот претседател Јосип Броз Тито, Александра Саша Броз, на својот фејсбук-профил објави фотографии со нејзиниот татко, инаку син на Тито.
Александар Мишо Броз денес наполни 80 години, а роденденот го прослави со семејството во Загреб.
На фотографиите, освен Саша и нејзиниот татко и нејзината мајка Мира, се и братот Андреј и внуците на Миша.
„Каков човек … мојот татко“, напиша Саша Броз со фотографии од прославата.
Тито го доби синот Александар со својата трета сопруга Херта Хас, која воедно беше и неговата прва невенчана сопруга. Нивниот брак траеше до почетокот на Втората светска војна во 1941 година, кога Тито го напушти Загреб и се пресели во Белград. Херта остана во Загреб, каде што наскоро се породи и го роди синот Александар Мишо.
Мишо е петто дете на Тито, но пред него преживеало само едно дете, од бракот со неговата прва сопруга.
По ослободувањето на Југославија, Мишо живеел во Белград, во непосредна близина на неговиот татко, тогашниот маршал и претседател на владата на ФНР Југославија. Основно и средно училиште завршил во Белград, а потоа заминал во Загреб, каде што завршил Правен факултет. По осамостојувањето на Република Хрватска во 1991 година, на предлог на тогашниот претседател Фрањо Туѓман, тој преминал во Министерството за надворешни работи, каде што прво бил советник на министерот, а потоа и овластен министер во хрватската амбасада во Русија и Египет. Неговата последна должност била амбасадор во Индонезија, до 2009 година.
Неговата ќерка и внука на Тито, Саша, е хрватски театарски режисер. Таа одела во балетско училиште во Москва, но, по повредата на стапалото, се вратила во Хрватска, каде што се преориентирала во театарска режија. Својата режисерска кариера ја започнала во втората година од студиите.