Индија регистрираше повеќе од 300.000 нови случаи на коронавирус 12. ден по ред, со што вкупниот број на заболени се искачи на скоро 20 милиони, а бројот на починати се зголеми за 3.417 лица.
Со 368.147 нови случаи во изминатите 24 часа, вкупно се заразени 19,93 милиони, а вкупниот број на смртни случаи од Ковид-19 е 218.959.
Болниците ги исполнија нивните капацитети, има недостиг на медицински кислород, а мртовечниците и крематориумите се преплавени поради огромното зголемување на бројот на починати.
Најмалку 11 држави и федерални територии воведоа некаква форма на ограничување во обид да се запре заразата, но владата на премиерот Нарендра Моди, загрижена за економските последици, не е подготвена да воведе национално затворање.
Остриот пораст на бројот на заразени е најтешката индиска криза откако Моди ја презеде функцијата во 2014 година. Моди беше критикуван за тоа што не презеде чекори за спречување на ширењето на заразата и за дозволувањето на милиони луѓе, главно без маски, да присуствуваат на верски фестивали и преполни политички митинзи во пет држави во март и април.
Форум на научни советници кој го основаше владата ги предупреди индиските власти на почетокот на март за нова и позаразна варијанта на коронавирусот што преовладува во земјата, изјавија за „Ројтерс“ пет научници кои се дел од форумот.
И покрај предупредувањето, четворицата научници изјавија дека сојузната влада не се обидела да воведе големи ограничувања за да се запре ширењето на вирусот.
Иако е најголем светски производител на вакцини, Индија нема доволно за себе. Само околу 9 проценти од 1,4 милијарди луѓе биле вакцинирани со првата доза.
Индија се бори да го зголеми капацитетот за повеќе од 80 милиони дози месечно поради недостаток на суровини и пожар во Институтот за серум кој ја произведува вакцината на „АстраЗенека“.