Досега се пријавени над три милиони смртни случаи поврзани со коронавирусот ширум светот, објави „Ројтерс“.
Бројот на починати од Ковид-19 повторно се зголемува, особено во Бразил и во Индија.
Здравствените власти тврдат дека тоа се должи на позаразните варијанти на вирусот откриени првпат во Велика Британија и Јужна Африка, како и на уморот на јавноста поради затворањето и другите ограничувања.
За повеќе од една година бројот на починатите во светот се искачи на два милиони. Уште еден милион луѓе починале во рок од три месеци, наведува „Ројтерс“.
Бразил води според дневниот број на починати и бележи еден од четири смртни случаи во светот дневно, се вели во анализата на „Ројтерс“.
Индија објави рекордно зголемување на инфекциите со коронавирус во понеделникот, со што стана втора земја по САД со повеќе од 100.000 новозаразени на ден.
Европскиот регион, кој вклучува 51 земја, има најголем вкупен број на починати – речиси 1,1 милион.
Шеесет проценти од смртните случаи се пријавени во пет европски земји – Велика Британија, Русија, Франција, Италија и Германија.
САД имаат најголем број смртни случаи од која било друга земја во светот – 555.000, што е околу 19 проценти од смртните случаи во светот. Третина од популацијата примила барем една доза на вакцина.
Најмалку 370,3 милиони луѓе или речиси 4,75 проценти од глобалното население, ја примиле првата доза на вакцина против Ковид-19, според новите податоци на истражувачката компанија „Our World in Data“ во неделата.