Сиднеј, најголемиот град во Австралија, регистрираше најголем број смртни случаи на дневна основа од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Во Мелбурн е воведен полициски час, а заклучувањето е продолжено за уште две недели поради наглото зголемување на бројот на нови инфекции.
Сиднеј, кој е во осмата недела на заклучување, е епицентарот на третиот бран на епидемијата со коронавирус, кој се заканува да ја повлече економијата на земјата во нова рецесија за само две години. Тоа е економија која според експертите генерира до две илјади милијарди долари годишно.
Премиерката на државата Нов Јужен Велс, Гладис Береџиклијан, изјави дека седум лица починале од „Ковид-19“ во Сиднеј во последните 24 часа и потврди дека тоа е рекорден број на смртни случаи за еден ден.
„Бројките се алармантно високи“, им рече Береџиклијан на новинарите во Сиднеј.
Дополнителни 200 војници се распоредени низ Сиднеј за да го контролираат спроведувањето на мерките за ограничено движење.