Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека научил многу од германската канцеларка Ангела Меркел и дека е горд на нејзината посета на Србија, бидејќи таа, како голем лидер и Германија како голема сила, покажале голема почит кон Србија.
Одговарајќи на новинарско прашање за коментар околу посетата на Меркел, Вучиќ рече дека има посебни емоции по тоа прашање, како и дека Меркел го иницирала Берлинскиот процес, што е поинаков и попрагматичен пристап во регионот.
„Научив многу од неа и за време на разговорот научив и разбрав поинаку и повеќе отколку што можев до вчера. И да бидам искрен, ми беше жал кога утрово таа замина, бидејќи не знам кога повторно ќе ја угостиме. Горд сум на она што таа го кажа вчера и на односот и меѓусебното почитување на големата Германија кон малата Србија“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател посочи дека Германија има 14 пати повеќе жители од Србија и дека БДП на таа земја изнесува 3,8 билиони евра, додека Србија годинава ќе има БДП од околу 52 милијарди евра.
„Таква сила да покаже почит кон една мала земја, со голем лидер како Ангела Меркел, јас сум среќен и горд како и сите граѓани на Србија. Тоа е само голем поттик за Србија да продолжи да работи вредно, почитувано и вредно и да биде уште поуспешна“, заклучи Вучиќ.