Американските војници треба да се подготвуваат не само за борба во Земјината орбита, туку и околу Месечината, изјави генералот Ден Кејн, началник на Здружениот штаб на американската армија и главен воен советник на претседателот Доналд Трамп.
Кејн ја даде оваа изјава откако САД за прв пат објавија дека поставиле оружје во Земјината орбита, но не кажаа од кога е таму.
На конференција, Кејн рече дека американската војска треба да се адаптира сега за да „биде подготвена да се бори, да издржи и да победи од Земјата до орбитата околу Месечината.
Во 2019 година, за време на неговиот прв претседателски мандат (2017-2021), Доналд Трамп формираше нова воена служба – Вселенските сили.
Овие сили се подготвуваат за борба во вселената и околу Месечината бидејќи „човештвото напредува кон длабочините на вселената, а задачата на Вселенските сили е да бидат подготвени да ги бранат интересите на САД“, изјави за медиумите шефот на тие сили, генерал-потполковник Грегори Генџон.
Кина, исто така, воспостави воени вселенски сили во 2024 година, со цел да развие капацитети за справување со кризи во вселената.
Пекинг во вторникот изјави дека Кина „секогаш ја поддржува мирната употреба на вселената, ја одржува безбедноста на вселената и се спротивставува на распоредувањето оружје, милитаризацијата и трката во вооружување во вселената“. Тој го предупреди Вашингтон да „престане да ги проширува своите воени подготовки во вселената“.
Не е јасно дали распоредувањето оружје на САД во вселената и евентуалните планови за негова употреба околу Месечината ќе бидат во спротивност со меѓународните договори што ја спречуваат милитаризацијата на вселената.
Договорот за вселената од 1967 година, потпишан и од САД и од Кина, наложува дека небесните тела како што е Месечината можат да се користат „исклучиво за мирни цели“ и дека нуклеарното оружје не може да се постави во вселената. Државите чии „вселенски објекти предизвикуваат штета“ се обврзани да ја надоместат таа штета.
Пред две години, имаше американски извештаи дека Русија развива оружје поставено во вселената.
Потоа беа обновени напорите во Обединетите нации за понатамошно ограничување на милитаризацијата на вселената.
Русија стави вето на заедничката резолуција на САД и Јапонија со која ќе се повикаа сите нации да не развиваат или ставаат во вселената нуклеарно оружје и друго оружје за масовно уништување. Соперничката руска резолуција за забрана на целото оружје во вселената „засекогаш“ исто така не успеа.
Во врска со договорот од 1967 година, генералот Генџон рече дека американските вселенски сили „ќе продолжат да спроведуваат безбедни и одговорни вселенски операции во секој агол од вселената“.
Сепак, тој не сакаше да каже каква е политиката на американските вселенски сили и американската армија воопшто во врска со употребата на муниција и ракети во вселената, и им наложи на новинарите да поставуваат прашања во Пентагон, кој засега не одговара на испратените пораки.
Генџон,според написите во медиумите, исто така, најави удвојување на Вселенските сили во следните четири години – на околу 25.000 членови.
Текстот Генералот Кејн: Американската армија мора да биде подготвена за борба околу Месечината е превземен од МАКФАКС.






