Германскиот канцелар Олаф Шолц го окарактеризира рускиот напад врз Украина утринава како кршење на меѓународното право, а во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски ја изразил солидарноста на Германија.
„Во ова тешко време, ви гарантирам целосна солидарност на Германија“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц во телефонски разговор со украинскиот претседател Зеленски.
Претходно, тој го окарактеризира рускиот напад врз цели во Украина како грубо кршење на меѓународното право.
„Рускиот напад врз Украина е грубо кршење на меѓународното право и не може да се оправда со ништо. Германија силно го осудува овој непромислен чин на претседателот Путин“, напиша Шолц на Твитер.
Шолц побара од Русија веднаш да ја прекине воената акција и најави дека во текот на денот ќе се консултира со партнерите во рамките на Европската унија, НАТО и Г7.
„Ова е ужасен ден за Украина и црн ден за Европа“, рече Шолц.
Нападот на Русија врз Украина го осуди и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.
„Напаѓајќи ја Украина, Русија ги крши основните правила на меѓународниот поредок. Светската заедница никогаш нема да го заборави овој срамен ден за Русија“, рече Баербок.
Таа закажа состанок на кризниот штаб, а претходно МНР ги повика германските државјани кои престојуваат во Украина што поскоро да ја напуштат земјата.
Рускиот напад го осуди и германскиот министер за економија и вицеканцелар Роберт Хабек.
„Сега се случи нешто незамисливо. Сега сме сведоци на копнена војна во Европа за која верувавме дека е прашање на историски книги“, рече Хабек. Тој најави дека руската акција нема да помине неказнето.
„За Русија, овој потег ќе има тешки политички и економски последици“, рече Хабек.