Германските медиуми коментираат: Путин ја врати Студената војна

пред 3 години

Германскиот печат го коментира признавањето на Путин на самопрогласените народни републики и намерата за испраќање војници во источна Украина. Која е стратегијата зад овие потези? Што навистина сака Путин, се прашуваат коментаторите, а пишува „Дојче веле“.

Германскиот јавен сервис АРД го нарекува испраќањето руски војници во источна Украина дел од „циничниот план на Путин за ескалација на конфликтот“: „Признавањето на сепаратистичките области Донецк и Луганск цинично наречени народни републики и испраќањето војници следи по брутална калкулација и прецизен план – и ова можеби не е последниот потег на Путин во обидот повторно да го воспостави подрачјето на моќ на Советскиот Сојуз“.

АРД на својот портал Tagesschau.de додава дека постои страв оти овие постапки нема да го задоволат „гладот ​​за територија“ на Путин, односно дека постои оправдано сомневање оти Русија сега работи на сценарио во рамките на кое би „откинала“ и некои други украински региони со цел да создаде „коридор до Крим“.

„Хенделсблат“ пишува дека „лутиот говор“ на Путин е историска цезура за Европа: „Рускиот претседател не само што го закопа мировниот процес во Минск, туку и ја врати Студената војна“. Германскиот весник забележува дека говорот на Путин бил говор во кој тој се обидел да го оправда сето она што ја води Европа на работ од војна и сето она што сè уште може да го загрози континентот натопен во крвта на двете светски војни.

„Ханделсблат“ пишува дека вчерашниот говор на Путин бил „полн со презир кон Западот, полн со повредена гордост за поранешната големина на Русија, полн со нескриени закани за враќање на она што на Русија, по негово мислење, историски ѝ припаѓа“.

Многу нешта се акумулирале и сето тоа мораше да излезе на виделина, се забележува во коментарот на весникот кој излегува во Дизелдорф.

Минхенскиот „Зидојче цајтунг“ во коментар вели:

„Признавајќи ги таканаречените народни републики и испраќајќи војници во тие области, рускиот претседател го прекрши меѓународното право. Тој по втор пат во осум години ги менува границите во Европа, го нарушува државниот суверенитет и се заканува како некој насилник кој чека во темен агол на улицата. 190.000 војници чекаат со вклучени мотори. Идеолошката историска лага на Путин ќе им послужи како наредба за акција. Рускиот претседател пушти во оптек историски уникатен фалсификат, кој ги храни сите оние кои веруваат во него, ги храни со мизерно оправдување на гласната неправда“.

Share
Scroll to Top