Гладот ​​во светот немилосрдно расте, предупредуваат експертите

пред 3 години

Бројот на луѓе кои се на работ на глад во 43 земји достигна 45 милиони, бидејќи несигурноста со храна во светот нагло се зголеми, предупреди Светската програма за храна (WFP).

Скокот од 42 милиони на почетокот на годината на 45 милиони луѓе на кои денес им се заканува глад е последица на ситуацијата во Авганистан, каде што дополнителни три милиони лица се соочуваат со глад, соопшти агенцијата на ОН со седиште во Рим.

„Десетици милиони луѓе се на работ на бездната. Конфликтите, промените во политиките и Ковид-19 го зголемија бројот на гладни луѓе“, вели извршниот директор Дејвид Бисли.

„Последните бројки покажуваат дека 45 милиони луѓе се на работ на глад“, рече тој по патувањето во Авганистан каде што Светската програма за храна им донесе помош на речиси 23 милиони луѓе.

„Цените на горивата растат, цените на храната вртоглаво пораснаа, ѓубривата стануваат поскапи, сите овие фактори поттикнуваат нова криза како онаа што сега се случува во Авганистан со веќе старите кризи како оние во Јемен и Сирија“, рече тој.

За спречување на гладот ​​во светот потребни се седум милијарди долари, што е зголемување во однос на 6,6 милијарди долари на почетокот на годината.

Сепак, традиционалните механизми за финансирање се преоптоварени, предупредуваат ОН.

Од таму истакнуваат дека семејствата се исправени пред страшен избор: тие се принудени да склопуваат бракови на млади девојчиња, да ги повлечат децата од училиште или да ги хранат со скакулци или лисја од кактус.

Медиумските извештаи од Авганистан предупредуваат дека семејствата се принудени да ги продаваат сопствените деца во очајнички обид да преживеат.

Бројните суши во Авганистан во комбинација со економскиот колапс тешко ги погодија семејствата.

Во Сирија, 12,4 милиони луѓе не знаат како да го обезбедат својот следен оброк а несигурноста со храна е најголема од почетокот на војната, се вели во извештаите.

Се додава дека гладот ​​е присутен во Етиопија, Хаити, Сомалија, Ангола, Кенија и Бурунди.

Share
Scroll to Top