Утрово градоначалникот на опколениот Мариупол, Вадим Бојченко изјави дека градот се’ уште се бори и дека ќе остане украински.
Бојченко ги нарече лажни вести, руските извештаи за освојувањето на градското пристаниште и предавањето на повеќе од илјада украински борци, пренесува ДПА. Тој град на брегот на Азовското Море сè уште го бранат припадниците на Азовскиот баталјон и морнарицата, рече Бојченко, кој е надвор од градот.
Мариупол со недели е под опсада на руските сили. Поголемиот дел од градот е уништен, а условите за живот на преостанатите граѓани се катастрофални.
Русите продолжија да ги бомбардираат Харков, Доњецк и Запорожје во текот на ноќта, соопшти утрово украинската армија. Украина очекува нова голема руска офанзива на истокот на земјата.