Грција ја призна вакцината „спутник В“, руските туристи ги очекуваат од 14 мај

пред 4 години

Атина ја признава руската вакцина „спутник В“ како и европските вакцини при патување, изјави грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис.

Во интервју за „РИА новости“, тој рече дека граѓаните на Русија ќе можат да влезат во Грција од 14 мај и оти вакцинацијата не е задолжителна за туристите, но ќе ги спаси од цела низа формалности.

За да влезете во Грција од Русија, треба или да се вакцинирате, или да имате негативен тест за коронавирус или да имате антитела. Вакцинирањето не е задолжително, но луѓето кои биле вакцинирани нема да мора да имаат негативен тест и нема да бидат подложени на проверки, објасни грчкиот министер.

Тој исто така додаде дека Грција е задоволна што руската компанија која произведува вакцина доставила барање до Европската агенција за лекови за регистрација, за да можат и граѓаните на ЕУ да се вакцинираат со неа.

„Сепак, без оглед на фактот дека ќе се користи како призната вакцина, нашата земја одлучи дека за нас ‘спутник В’ е еднаков на европските вакцини при патување, така што туристите можат да влезат во нашата земја без да мора да се тестираат секојпат кога доаѓаат “, рече министерот.

Потврдата за вакцинација издадена во Русија ќе треба да биде преведена на англиски јазик, а туристите ќе мора да ги почитуваат сите санитарни мерки што се во сила во Грција.

„Сè што се однесува на Грците, важи и за странските туристи во нашата земја“, заклучи министерот.

 

Share