Денес граѓаните на Бугарија излегуваат на парламентарни избори, кои се одржуваат во сенка на пандемијата на коронавирусот, но и на неколкумесечни масовни протести поради корупција, замрзнати реформи , анализирааат медиумите.
Прогнозите покажуваат дека резултатот од изборите ќе биде расцепкан парламент во кој нема да биде лесно да се постигне договор за владејачкото мнозинство и многу веројатно е дека владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на премиерот Бојко Борисов ќе остане најсилна.
Таквата состојба, велат аналитичарите, може да ги поддржи амбициите на Борисов да обезбеди нов премиерски мандат, четврти во последните десет години. Тие го објаснуваат ова со фактот дека бугарската опозиција е поделена, но и дека граѓаните во време на криза се склони да се определат за „статус кво“ состојба.
Предизборните анкети покажуваат дека четири партии би можеле да го надминат прагот од четири проценти.
Според сите анкети на јавното мислење, владејачката партија на десниот центар „ГЕРБ“ има околу пет проценти повеќе од водечката опозициска партија, Бугарската социјалистичка партија, формирана од поранешни комунисти. Сепак, партијата на Бојко Борисов е далеку од освојување на апсолутно мнозинство и можност самостојно да формира влада.
За прв пат, неколку помали групи од протестното движење може да влезат во парламентот, кои немаат голема политичка тежина поради неединството и недостатокот на обединувачки лидер.
Право на глас имаат околу 6,7 милиони граѓани, избирајќи 240 членови на бугарското национално собрание.
Резултатите од изборите врз основа на излезните анкети ќе бидат објавени веднаш по затворањето на избирачките места, а првичните резултати се очекуваат околу полноќ.
Борисов досега успешно балансираше помеѓу членството на Бугарија во НАТО и ЕУ и одржувањето на блиски економски односи со Русија, анализираат медиумите во регионот.
Сепак, за време на минатогодишните протести илјадници излегоа на улиците на бугарските градови, обвинувајќи го Борисов и неговата влада за заштита на тајкуните, и дека не сакаат да се борат против корупцијата или да го реформираат судството и да ја задушат слободата на говорот.
И покрај ваквиот удар, репутацијата на Борисов остана висока меѓу неговите симпатизери, главно државни службеници кои ги преживуваат бугарските економски проблеми благодарение на парите од буџетот, стои во натписите .
Во изминатиот период опозицијата ја критикуваше владата за нејзиниот неефикасен одговор на пандемијата, а за незадоволството придонесе и бавната и некоординирана вакцинација на населението, информираа медиумите во таа земја.