Европската комисија го осуди насилството на протестите во Албанија

Европската комисија го осуди насилството на протестите во Албанија

пред 1 час

Европската комисија ги осуди насилните испади за време на протестите во Албанија. Во официјално соопштение, тие наведоа дека сите одговорни мора да бидат кривично гонети, а одговорот на насилството мора да биде во согласност со законот и пропорционален.

„Го осудуваме насилството во Тирана и во другите албански градови, кое вклучува подметнување пожари, напади врз државни институции и уништување на јавен и приватен имот. Во демократското општество нема место за насилство, а одговорот на него секогаш мора да биде законски и пропорционален“, соопшти Комисијата.

Комисијата нагласи дека слободата на собирање и слободата на изразување се основни права и клучни европски вредности, но додаде дека тие мора да се остваруваат исклучиво преку мирни средства. Тие го поздравија фактот што албанските власти го гарантираат правото на протест, истакнувајќи дека од Албанија – земја-кандидат посветена на пристапување кон Унијата и на остварување напредок – се очекува прашањата да ги решава преку дијалог.

Барањата на студентите и ширењето на протестите
Студентските протести во Албанија траат веќе неколку дена, а им се придружуваат и други граѓани. За време на овие собири се забележани судири со полицијата, акти на насилство, како и оштетувања на јавниот имот и на институциите. Протестите започнаа поради долгогодишни проблеми во образовниот систем, но во меѓувреме барањата се проширија. Некои студенти сега бараат и оставка од премиерот Еди Рама.

Како главни проблеми, тие ги посочуваат лошите услови за студирање, недоволните инвестиции, високите трошоци за кирија и недостигот на студентско сместување. Студентите најавија дека нема да се откажат од своите барања и дека протестите ќе продолжат.

Текстот Европската комисија го осуди насилството на протестите во Албанија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top