Елитни британски специјалци во Киев обучуваат украински војници, пишува Тајмс

пред 3 години

Припадниците на САС (Special Air Service), најелитната единица на британските специјални сили, обучуваат украински војници во Киев, објави британски „Тајмс“.
Тие ги учат како да ги користат британските рачни противтенковски ракети NLAW. Ова е првпат од почетокот на руската инвазија, припадниците на британската армија во Украина да ги обучуваат своите украински колеги, пишува Тајмс.

Двајца украински офицери од различни баталјони, стационирани во и околу Киев, потврдија за Тајмс дека британските специјални сили ги обучувале украинските сили во два наврати во последните 14 дена.

Припадниците на британската војска се присутни во Украина од руската анексија на Крим во 2014 година, но се повлекоа во февруари, кога стана веројатно дека рускиот претседател Путин ќе нареди напад врз Украина. Извештаите за британските специјални сили кои тренираат Украинци доаѓаат во време кога Русија предупредува дека мешањето на Западот во конфликтот, што се однесува на испраќање оружје во Украина и обука на украински војници, може да значи ширење на конфликтот.

ОК испрати повеќе од 3.600 модерни рачни противтенковски ракети NLAW во Украина од февруари.

Британското Министерство за одбрана во одговорот за Тајмс напиша дека нема да ги коментира тие извештаи во согласност со долгогодишната практика и политика на британската влада да не ги коментира активностите на специјалните сили.

Share
Scroll to Top