Естонскиот министер за внатрешни работи поднесе оставка поради навреда на американскиот претседателски кандидат

пред 4 години

Естонскиот министер за внатрешни работи Март Хелме поднесе оставка, еден ден откако ги нарече Џо Бајден и неговиот син Хантер корумпирани ликови.

„Синоќа решив да си дадам оставка кога видов лажни вести објавени од естонските медиуми“, рече Хелме, член на Конзервативната народна партија (ЕКРЕ).

Тој додаде дека му здосадило од сè.

„Не направив ништо што би ја загрозило безбедноста на Естонија. Не реков ништо што не беше кажано во американските медиуми. На слободните американски медиуми”, изјави тој за јавниот сервис ЕРР, пренесува АП.

Во неделата, естонскиот премиер Јури Ратас апелираше преку Фејсбук до Хелме и неговиот син Мартин да престанат да даваат неосновани изјави што можат да ги нарушат односите меѓу Естонија и САД.

Ратас му ја честиташе победата на Бајден, велејќи дека изборите беа слободни, фер и транспарентни.

Партијата ЕКРЕ, во чие основање учествуваше Хелме, стана третата најголема партија во Естонија од март 2019 година до денес, а во јули претседателството на партијата го презеде неговиот син Мартин.

Таткото и синот се појавија во една радиоемисија во која Мартин Хелме рече дека нема сомнеж дека изборите во САД се наместени и дека ако ова помине, тогаш Америка веќе нема Устав.

Share
Scroll to Top