Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, остро ја осудија руската воена агресија врз Украина и најавија нови санкции против Руската Федерација.
„Силно ја осудуваме руската воена агресија без преседан врз Украина. Со неиспровоцирани и неоправдани воени дејствија, Русија грубо го крши меѓународното право и ја поткопува европската и глобалната безбедност и стабилност“, рекоа Фон дер Лаен и Мишел во заедничката изјава.
Руските сили утрово истрелаа проектили врз неколку градови во Украина и истоварија сили на нејзините јужни брегови, објавија украински официјални лица и медиуми, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што ја нарече, специјална воена операција на истокот.
Мишел и Фон дер Лаен ја повикуваат Русија веднаш да ги прекине нападите, да ги повлече своите сили од Украина и целосно да го почитува нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и независност.
Мишел за вечерва свика вонреден самит на лидерите на ЕУ на кој ќе се разговара за безбедносната криза и дополнителни санкции против Русија, кои, како што се најавува, ќе имаат големи и тешки последици за Русија поради нејзините потези, а кои ќе бидат воведени во тесна координација со трансатлантските партнери.
„Претседателката на Комисијата Фон дер Лаен ќе претстави нов пакет санкции што е во фаза на финализирање и брзо ќе биде усвоен од Советот на ЕУ“, се вели во соопштението.