Лидерите на ЕУ се согласија да и обезбедат на Турција помош од близу три милијарди евра според договорот за мигрантите, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, цитирана од турската приватна телевизија НТВ. Ова следи откако на Самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ), шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ побараа од Европската комисија, без одлагање да го претстави официјалниот предлог во врска со финансирањето на Сиријците во Турција.
Агенцијата „Анадолија“ јави дека на самотот лидерите на ЕУ ги означиле подготовките за дијалог на високо ниво со Турција за прашањата од заеднички интерес, како миграциите, здравството, климата, борбата против тероризмот и регионалните прашања.
Безбедното и стабилно опкружување во Источен Медитеран, како и корисните односи со Турција со кои се продлабочува соработката, се од стратешко значење за ЕУ, се наведува во документот, а истовремено се поздравува намалувањето на тензиите во источниот дел на Медитеранот.
Истакнувајќи дека ЕУ е подготвена постепено да ја продлабочува соработката со Турција во многу подрачја од заеднички интереси, во Декларацијата стои дека челниците на ЕУ означиле почеток на техничките активности, со цел ажурирање на Царинската унија меѓу ЕУ и Турција.
Решавањето на кипарското прашање може да се постигне според моделот на федерација составена од две заедници и два региони, засновани на политичка еднаквост, и дека е упатен апел за спроведување на резолуциите на Советот на безбедност на ОН. Европскиот совет изрази жалење што разговорите за прашањето на Кипар во Женева, Швајцарија, не довеле до почеток на службени преговори, напоменувајќи дека ЕУ и понатаму ќе игра активна улога во пружањето поддршка на тој процес.
Во Декларацијата уште стои дека случувањата во врска со владеењето на правото и темелните човекови права во Турција се причина за загриженост.