Валериј Залужни, поранешен командант на украинската војска и актуелен амбасадор во Обединетото Кралство, во интервју за „Асоушиејтед прес“ првпат јавно проговори за длабокиот раздор со претседателот Володимир Зеленски.
Тој тврди дека тензиите почнале кусо по руската инвазија и кулминирале во септември 2022 година, кога агенти на Тајната служба на Украина (СБУ) се појавиле во неговиот кабинет со намера да извршат претрес. Залужни вели дека тоа го доживеал како заплашување и дека му се заканил на тогашниот шеф на кабинетот Андриј Јермак дека ќе повика засилување за да го заштити командниот центар.
Залужни исто така ја критикува пропаднатата украинска контраофанзива од 2023 година. Првичниот план, објасни тој, бил да се концентрираат силите во „една тупаница“ со цел да се ослободи делумно окупираниот регион Запорожје, вклучувајќи ја и клучната нуклеарна централа, и да се продолжи напредувањето кон Азовското Море. Ова би го пресечело копнениот коридор што го користи руската армија за снабдување на Крим, кој беше анектиран во 2014 година. За успех, вели Залужни, била потребна голема концентрација на сили и тактичко изненадување.
Наместо тоа, тврди тој, силите биле дисперзирани на широка област, што ја разводнило нивната ударна моќ.
По неговата смена во февруари 2024 година, Зеленски го именуваше за амбасадор во Лондон. Аналитичарите тоа го толкуваа како обид да се намали неговото политичко влијание.
Анкета на „Ипсос“ покажува дека во хипотетичка претседателска трка Залужни би добил 23 отсто поддршка, а Зеленски 20 отсто.
Зеленски неодамна спроведе реконструкција на својот тим во обид да ја врати довербата. Во меѓувреме, САД го зголемуваат притисокот врз Киев и Москва за прекин на војната. Иако договорот е сè уште далеку, Зеленски во принцип се согласи со планот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, кој предвидува одржување избори и воспоставување безбедносни гаранции по завршувањето на конфликтот.
Текстот Залужни првпат јавно за судирот со Зеленски е превземен од МАКФАКС.






