И во Хрватска се води истрага за смртен случај по прием на вакцина од „Астразенека“

пред 4 години

Хрватската агенција за лекови (ХАЛМЕД) и Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ) испитуваат случај на смрт поврзана со згрутчување на крвта по примањето на вакцината од „Астразенека“.

Како што пишува „Јутарњи лист“, 91-годишна жена починала од белодробна емболија три дена откако била вакцинирана, а случајот во моментов се истражува.

Агенцијата наведува дека е започната постапка за собирање на потребните податоци и нивна проценка, како и дека ќе донесе конечен заклучок што е можно поскоро.

Ова е единствениот пријавен случај во Хрватска во кој смртта на вакцинирано лице е поврзана со тромбоемболичен настан, наведува „Јутарњи лист“. Инаку повеќе европски земји ја запреа вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“ токму поради појава на случаи со згрутчување на крвта или поради претпазливост. Сепак, СЗО нагласи дека засега нема основани аргументи кои укажуваат дека треба да се стопира користењето на оваа вакцина.

Меѓутоа, како што наведува „Јутарњи лист“ ова не е единствениот смртен случај што се истражува во Хрватска, поради можна поврзаност со приемот на вакцина.

Имено, според весникот, кај уште пет починати пријавено е сомневање за поврзаност со вакцината бидејќи било утврдено дека временскиот период е близок со периодот на вакцинација.

Како што дознава „Јутарњи лист“, истрагите уште траат и за тие случаи, а станува збор за лица кои примиле различни вакцини, односно „Фајзер“, „Астразенека“ и „Модерна“. Причината за смртта кај нив претежно била срцев удар.

Share
Scroll to Top