Иранските специјалисти започнаа проби со напредните центрифуги ИР-9 за збогатување ураниум, објави денеска портпаролот на Иранската организација за атомска енергија, Бехруз Камалванди, пренесува ИСНА.
„Еден од напредоците направени во областа на збогатувањето на ураниум е почнување механички проби со центрифугите ИР-9 со производна можност од 50 SWU“, рече тој за ИСНА.
Камалванди додаде дека оваа опрема е целосно домашно произведена, развиена и функционира во согласност со новите стандарди.
Иран работи на развој на нови и надградба на постојните центрифуги за збогатување ураниум. Како одговор на повлекувањето на САД од нуклеарниот договор, Иран почна да користи напредни центрифуги на своите нуклеарни локации.
На 1 април, Иран почна со збогатување ураниум во подземниот објект „Натанц“ преку четвртата каскада од центрифугите од класа ИР-2м. Во моментов, Иран збогатува ураниум преку центрифугите ИР-1, ИР-2м и ИР-4. Според нуклеарниот договор, на Иран му е дозволено да користи само центрифуги ИР-1.