Иран сè уште има до 2.500 балистички ракети и покрај американските и израелските напади

Иран сè уште има до 2.500 балистички ракети и покрај американските и израелските напади

пред 19 минути

Иран и натаму располага со арсенал од 1.500 до 2.500 балистички ракети, и покрај американските и израелските напади со кои требаше да бидат уништени неговите воени капацитети. Ова е најновата процена на американските разузнавачки служби, објавена од „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски претставници запознаени со разузнавачките податоци.

Процената има низок степен на сигурност, бидејќи тешко е да се утврди колку ракети се подготвени за лансирање, а колку се складирани. Сепак, американските претставници сметаат дека Техеран и понатаму има значителен капацитет да ги нападне американските сили и нивните сојузници доколку повторно избие војна.

Иако американските и израелските напади тешко ги оштетија иранските производствени капацитети за ракети, Техеран продолжил да ги обновува залихите користејќи претходно произведени компоненти. Производството е побавно отколку пред војната, но Иран располага и со голем број беспилотни летала и ракети со краток дострел. И израелски воени претставници проценуваат дека земјата има повеќе од 1.500 балистички ракети.

Симон Лидин, поранешна висока функционерка на Пентагон за време на првиот мандат на Доналд Трамп, предупредува дека дури и најниската процена значи дека Техеран обновил повеќе од половина од арсеналот што го имал пред војната.

Новите податоци ги доведуваат во прашање тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп и членовите на неговата администрација дека иранската војска е практично уништена. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во вторникот изјави дека иранската воена индустрија повеќе не постои и дека се уништени повеќе од 80 отсто од нејзините нуклеарни индустриски капацитети.

„Според сите мерила, остваривме историска воена победа“, рече Хегсет.

Иран ги подобрил тактиките за напади

И покрај големите загуби, Иран продолжил да нанесува штета на американските воени бази, радари и системи за рано предупредување низ Блискиот Исток. Поради тоа, дел од американската воена опрема била преместена во Израел, кој американските и израелските претставници го сметаат за побезбедна локација.

Техеран во меѓувреме ја усовршил тактиката на комбинирање ракети и беспилотни летала, а ги подобрил и податоците што ги користи за избор на цели, меѓу другото и со помош на Русија.

„Не е важна само големината на арсеналот. Важно е и како Иран го користи, а неговите команданти научија неколку трикови за да бидат поефикасни“, изјави Билал Сааб, директор на вашингтонската компанија за процена на геополитички ризици „Трендс УС“.

Американските и израелските напади затрупале влезови во некои подземни ирански складишта за ракети. Сепак, сателитските снимки покажале дека Иранците повторно отвориле пристап до дел од објектите. Израелските претставници веруваат дека ракетите складирани длабоко под земја главно останале неоштетени.

Трамп засега не сака нов голем напад

Американскиот претседател засега одлучил да продолжи со економскиот притисок врз Техеран преку блокада и санкции, наместо веднаш да нареди нова голема воена операција.

Потпретседателот Џеј Ди Венс во периодот на затишје се обидел да отвори дипломатски канал со иранското раководство, но Трамп потоа му наредил да ги прекине преговорите и да се посвети на внатрешнополитичките прашања.

Американските сојузници од Персискиот Залив се против продолжување на војната, стравувајќи од иранска одмазда. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, се залага за нови напади. Директорот на Мосад, Роман Гофман, во петокот во Вашингтон разговарал со американски претставници за Иран.

Трамп за време на говорот по повод Денот на ветераните навести дека американските воени цели сè уште не се целосно исполнети.

„Победивме. Сега прашањето е кога сакаме да завршиме. Мораме да оствариме целосна победа, а не победа од 93 отсто. Ќе биде целосна“, рече тој.

Во подоцнежниот разговор со радиоводителот Хју Хјуит, Трамп изјави дека доколку иранскиот режим остане на власт до крајот на неговиот претседателски мандат, тоа би претставувало пораз за САД.

Текстот Иран сè уште има до 2.500 балистички ракети и покрај американските и израелските напади е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top