САД вечерва извршија нови воздушни напади врз воени цели во Иран, а Техеран одговори со предупредување дека Ормускиот теснец нема да биде повторно отворен и дека нема да има извоз на нафта и гас од регионот сè додека, како што велат, продолжуваат воените операции на САД.
Американски функционер изјави за Ројтерс дека американските сили извршиле уште неколку напади врз воени цели во Иран во текот на денот, додавајќи дека целта на операцијата е да се „елиминираат новите закани“.
Кратко потоа, Иранската револуционерна гарда објави дека таргетирала непријателски воени цели во Бахреин и Кувајт како одговор на нападите на САД.
Иран: Ниту капка нафта нема да помине низ Ормускиот теснец
Иранската револуционерна гарда соопшти дека новите американски напади само ќе го одложат повторното отворање на Ормускиот теснец и предупреди дека „ниту капка нафта“ нема да го напушти регионот поради продолжувањето на нападите на САД.
Иранските државни медиуми пренесоа порака од властите дека сè додека продолжуваат она што тие го нарекуваат „злонамерни дејствија“ од страна на САД во регионот, „ниту една капка нафта и гас“ нема да помине низ Ормускиот теснец и да се извезе.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека Иран ќе го оствари својот суверенитет над Ормускиот теснец „без оглед на цената“.
Текстот Иран се закани: Ниту капка нафта нема да помине низ Ормускиот теснец е превземен од МАКФАКС.





