Претседателот на парламентарната комисија за борба против мафијата, Никола Мора е во центарот на скандал за кој известуваат сите италијански медиуми, а осуди доаѓаат од сите политички партии.
Според „Кориере дела сера“, Никола Мора и неговата полициска придружба упаднале во центар за вакцинација во градот Косенца и го нападнале медицинскиот персонал, бидејќи членови на неговото семејство сè уште не се вакцинирани против Ковид-19.
Лидерката на партијата „Фратели д’Италија“, Џорџа Мелони, во долг текст на својата фејсбук страница напиша дека нејзината партија ќе инсистира да се расчисти случајот до крај и го советува Никола Мора итно да си поднесе оставка.
Според медиумите, Никола Мора побарал, а полициските службеници од придружбата ги провериле личните карти на присутните лекари, и побарале увид во списокот за вакцинација, а како што тврдат очевидци на настанот, додека траело сето тоа тој ги навредувал присутните лекари.
Лидерот на партијата „Лига“, Матео Салвини, исто така, бара итна оставка од сенаторот Мора, а на „Твитер“ напиша дека ги поддржува нападнатите лекари.
Потпретседателот на долниот дом на италијанскиот парламент, Еторе Росато, член на партијата „Италија Вива“, саркастично потсети дека Мора некогаш барал работата на парламентот да биде транспарентна, односно „отворена како конзерва со сардини“, а сега ги напаѓа лекарите и се однесува во стилот на „не знаеш ти кој сум јас“.
До неодамна, Никола Мора беше член на Движењето Пет Ѕвезди и како дел од него член на парламентот, но тој беше исклучен од Движењето откако гласаше против владата на премиерот Марио Драги за време на гласањето за доверба, што било спротивно од партиските упатства.