Клучни членки на НАТО одбија да учествуваат во американската поморска блокада на Ормуски теснец, што дополнително ги продлабочува разликите во Алијансата.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека неговата земја нема да ја поддржи блокадата. „Не ја поддржуваме блокадата. Мојата одлука е јасна – без оглед на притисоците, нема да бидеме вовлечени во војна“, изјави тој за Би-Би-Си.
Сличен став зазедоа и Германија, Шпанија, Италија, Полска и Грција, кои исто така одбија да испратат воени бродови.
Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Франција, заедно со Велика Британија и други држави, ќе организира иницијатива за обновување на безбедноста на пловидбата.
Станува збор, како што рече, за „строго одбранбена мисија“ која би била одвоена од конфликтот и би се активирала кога ќе дозволат безбедносните услови.
Одлуката на сојузниците доаѓа откако преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран пропаднаа без договор за време на викендот.
По тоа, американскиот претседател Доналд Трамп нареди поморска блокада на иранските пристаништа и најави дека американската морнарица ќе го запира целиот сообраќај поврзан со Иран.
Истовремено, европските земји стравуваат дека директното учество во блокадата може дополнително да го ескалира конфликтот и да ја загрози глобалната енергетска снабденост, со оглед на тоа што низ Ормускиот теснец поминува околу една петина од светската нафта.
Текстот Клучни членки на НАТО одбија да учествуваат во блокадата на Трамп е превземен од МАКФАКС.





