Епидемиологот и член на кризниот штаб на Србија, Предраг Кон, изјави дека медицинскиот дел од кризниот штаб бара многу построги мерки односно целосно затворање, освен продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи.
„Имавме гужви за време на викендот поради скратување на работното време и не мислам дека многу ќе се забележат последиците од оние мерки што важеа за викендот“, рече Кон.
Кога станува збор за целосно затворање, Кон вели дека е потребно да се затворат сите објекти минимум седум до 10 дена.
Ова би значело дека објектите ќе бидат затворени, но потребно е да се воведат итни мерки.
„Ова трае долго и не треба да дозволиме нон-ковид болниците да се вратат во ковид-системот“, вели Кон.
Лична одговорност, вели тој, очигледно не може да се очекува.
„Факт е дека се откриени незаконски собири кои овозможуваат понатамошно ширење на вирусот“, додаде српскиот епидемиолог.
„Единствената реална работа е да се преземат построги мерки и за нив е потребна вонредна состојба“, рече тој.