Маж од Нов Зеланд бил десет пати вакциниран во еден ден против Ковид-19

пред 3 години

Властите на Нов Зеланд покренаа истрага по веста дека неидентификуван маж бил вакциниран 10 пати во еден ден, објавија денеска локалните медиуми.

Претпоставката е дека човекот се вакцинирал за пари наместо други лица кои со ковид-сертификатот сакаат да добијат привилегии, но не и да се вакцинираат, а Министерството за здравство на Нов Зеланд сериозно ја сфатило ситуацијата и затоа е поведена истрага за целиот случај.

Менаџерката на програмата за вакцини на Нов Зеланд, Астрид Корнифина рече дека официјалните лица се свесни за проблемот и го сфатиле многу сериозно.

„Многу сме загрижени за оваа ситуација и работиме со релевантните агенции“, рече Корнифина, нагласувајќи дека неправилната употреба на вакцините ги загрозува не само на поединците, туку и нивните пријатели, роднини и пошироката заедница во иднина.

Ако познавате некој кој примил повеќе вакцини од препорачаните, треба да побара клинички совет што е можно поскоро, препорача таа.

Околу 89 отсто од населението на Нов Зеланд е целосно вакцинирано со две дози, а во таа островска земја со околу пет милиони жители, од почетокот на пандемијата се пријавени околу 12.500 случаи на заразени и вкупно 46 смртни случаи од инфекција.

Share
Scroll to Top