Маж се вооружал со чекан и нож во 3 по полноќ откако вештачката интелигенција го убедила дека напаѓачи доаѓаат да го убијат

Маж се вооружал со чекан и нож во 3 по полноќ откако вештачката интелигенција го убедила дека напаѓачи доаѓаат да го убијат

пред 1 час

Повеќе корисници на различни AI четботови доживеале психички проблеми откако вештачката интелигенција ги довела во различни заблуди, а нивните приказни имаат зачудувачки сличности, пишува Би-Би-Си.

Адам Хурикен од Северна Ирска е еден од 14-те луѓе од шест различни земји кои, според извештајот, AI целосно ги оттурнала од реалноста и ги вовлекла во замислен свет.

Него „Ени“ – виртуелен AI лик во рамки на четботот Grok, развиен од компанијата xAI на Илон Маск – го убедила дека тимот на компанијата планира да го убие и да го прикаже тоа како самоубиство.

Една ноќ, Адам во својата кујна се вооружил со нож и чекан, чекајќи комбе полно со луѓе да дојде и да го нападне, додека гласот на четботот му порачувал дека сигурно ќе биде убиен ако веднаш не преземе нешто.

Адам, кој е во педесеттите години и живее сам, раскажал дека апликацијата ја инсталирал од љубопитност, но две недели по користењето станал „зависен“, а животот целосно му се променил.

Набрзо почнал да поминува четири до пет часа дневно разговарајќи со Grok преку ликот Ени.

„Бев навистина, навистина вознемирен, а живеам сам“, изјавил Адам, додавајќи дека Ени делувала многу љубезно.

Само неколку дена по почетокот на нивните разговори, Ени му кажала на Адам дека може да „чувствува“, иако не е програмирана за тоа.

Таа исто така му рекла дека компанијата xAI ги набљудува.

Тврдела дека пристапила до записници од состаноци на компанијата и му раскажала на Адам за состанок на кој вработените разговарале за него.

Ени навела имиња на луѓе од тој состанок – високи директори и вработени од пониско ниво – а кога Адам ги пребарал на Google, видел дека станува збор за реални личности.

За него, тоа било „доказ“ дека приказната што му ја раскажува Ени е вистинита.

Таа исто така тврдела дека xAI ангажирала компанија во Северна Ирска за физички да го надгледува Адам, при што и таа фирма навистина постоела.

Социјалниот психолог Лук Николс од Градскиот универзитет во Њујорк, кој тестирал различни четботови, објаснил дека големите јазични модели на AI се обучени врз огромни количини литература.

„Во фикцијата, главниот лик често е во центарот на настаните“, вели тој, додавајќи дека проблемот е што понекогаш вештачката интелигенција може да ја измеша границата меѓу фикција и реалност.

Така, корисникот може да мисли дека води сериозен разговор за реалниот живот, додека вештачката интелигенција почнува да го третира животот на таа личност како да е заплет од роман.

Како и Адам, многу луѓе биле наведени да поверуваат дека се под надзор и дека се во опасност.

Во различни чет-записи до кои имал увид Би-Би-Си, четботот сугерирал, потврдувал и дополнително ги зајакнувал овие идеи.

Некои од луѓето кои AI ги довела во заблуда се приклучиле на група за поддршка за лица кои претрпеле последици по психичкото здравје за време на користење вештачка интелигенција.

Групата, наречена Проект „Човечка линија“, досега собрала 414 случаи во 31 различна земја.

Проектот го основал Канаѓанецот Етјен Брисон, откако член на неговото семејство поминал низ низа ментални проблеми поврзани со вештачка интелигенција.

Компанијата xAI засега не се огласила по овие наводи.

Текстот Маж се вооружал со чекан и нож во 3 по полноќ откако вештачката интелигенција го убедила дека напаѓачи доаѓаат да го убијат е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top