Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес ја поддржа Украина во врска со нападите врз руските енергетски објекти, наведувајќи дека е „правилно, разбирливо и оправдано“ украинските сили да вршат напади што ќе ја попречат способноста на Русија да води војна.
Мерц, на прес-конференција по завршувањето на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, изјави дека не гледа „никаква подготвеност од руска страна да се стави крај на војната“ и дека затоа ги поддржува украинските напади што ги нарушуваат руските комуникации и снабдувањето со енергија, објави „Скај њуз“.
Германскиот канцелар оцени дека ова се „очигледно единствените можности што ги има Украина да ѝ даде до знаење на Русија дека е подготвена да се одбрани“ и да ја принуди Русија да седне на преговарачка маса.
Мерц, исто така, рече дека ќе има можност лично да разговара за ова со американскиот претседател Доналд Трамп во декември.
Трамп постојано ја повикува Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии за нафта со цел да го намали притисокот врз цените на дизелот.
Мерц изјави дека сè уште не е познато како ЕУ ќе го надомести недостатокот на средства за Украина и дека Европската комисија (ЕК) „моментално ги проценува“ финансиските потреби на Киев пред очекуваниот буџетски дефицит следната година.
„Лидерите на ЕУ знаат дека Украина не може да биде задоволна со претходно одобрениот заем од Унијата во износ од 90 милијарди евра“, рече Мерц.
Според него, колку дополнителни средства ќе бидат потребни ќе биде јасно во наредните недели, а одлуката веројатно ќе треба да се донесе следниот месец или во декември.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес за време на своето обраќање во Брисел изјави дека на Украина ќе ѝ бидат потребни 70 милијарди евра дополнителна финансиска и воена поддршка од европските сојузници во 2027 година.
Тој рече дека парите ќе бидат искористени за лансирање беспилотни летала против напредувањата на Русија на терен, нејзините синџири на снабдување и воената економија, објави „Јуроњуз“.
Фото: ЕПА
Текстот Мерц: Ги поддржувам украинските напади врз руските енергетски објекти е превземен од МАКФАКС.





