Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Европската Унија ќе ја преземе водечката улога во обликувањето на подобра понуда во време кога слободната трговија и глобалниот трговски поредок заснован на правила се под притисок.
„Сакаме да понудиме можности што одат подалеку од билатералните договори“, рече Мерц на Азиско-пацифичката конференција на германскиот бизнис во Сеул, објави „Јонхап“.
Тој истакна дека Германија е подготвена да соработува со партнери во Европа и пошироко за да го брани и понатамошно развива глобалниот економски поредок заснован на правила и додаде дека многу земји го должат својот просперитет на меѓународната трговија и не се подготвени да се откажат од неа.
Мерц, кој е во еднонеделна посета на Азија, за време на која ги посети Сингапур и Јапонија, вчера се сретна со јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг.
Двајцата лидери воспоставија рамка за подобрување на безбедносното партнерство.
Денес, германскиот канцелар оцени дека структурната сличност на јужнокорејската и германската индустрија дава можности за продлабочување на билатералната соработка.
Министерството за индустрија на Јужна Кореја објави дека компании и организации од двете земји потпишале девет меморандуми за разбирање, чија цел е да се поддржат стартап компаниите и да се олесни нивниот влез на пазарот во секторите за енергетика, енергија и биомедицина, според Танјуг.
Текстот Мерц: Европа ќе ги предводи напорите за зачувување на меѓународниот трговски поредок е превземен од МАКФАКС.





