„Модернa“ започна со тестирање на вакцината против Kовид-19 врз деца и бебиња

пред 4 години

Американската фармацевтска компанија „Модерна“ објави дека започнала со тестирање на вакцината против ковид-19 врз деца.

Клиничкото испитување наречено KidCOVE ќе опфати приближно 6.750 деца во САД и Канада на возраст меѓу 6 месеци и 11 години, пишува „Си-ен-ен“.

Тестирањето е поделено на два дела. Во првиот, различни дози на вакцината ќе бидат тестирани на деца. Деца на возраст од 6 месеци до 1 година ќе добијат две дози на вакцина (25 до 50 микрограми) во интервали од околу 28 дена, а оние на возраст од 2 до 11 години ќе добијат две дози во истиот период, но од 50 до 100 микрограми.

Податоците од првиот дел од тестот ќе се користат за одредување на дозата во вториот дел, која ќе вклучува контролна група на деца кои ќе примат плацебо. Специјалисти ќе ги следат децата 12 месеци по приемот на втората доза за да се утврди разликата помеѓу ефективноста на вакцината и плацебо и можните несакани ефекти.

„Оваа педијатриска студија ќе ни помогне да ја процениме потенцијалната безбедност и имуногеност на нашиот кандидат за вакцина против Ковид-19 кај помладата популација“, рече извршниот директор на „Модерна“, Стефан Бансел.

Share
Scroll to Top