Русија денеска објави дека префрлила 10 бомбардери „сухој су-24“ од Крим во други воздушни бази во земјата и дека неколку механизирани пешадиски единици се вратиле во базите во Дагестан и Чеченија по завршувањето на вежбите на Крим.
Оваа информација ја пренесе новинската агенција „Интерфакс“, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана и Црноморската флота.
Западот и украинските власти внимателно го следат движењето на руската војска откако Москва оваа недела соопшти дека повлекува дел од војниците од Крим и областите во близина на Украина. Западот и Киев ги оспоруваат овие тврдења, верувајќи дека некои единици и опрема се само заменети со други.
„Интерфакс“, исто така објави дека Министерството за одбрана соопштило оти тенковскиот транспортен воз заминал од неименувана локација во западниот воен округ за да ги врати тенковите назад во нивната база во регионот Нижни Новгород.
Според друго соопштение, пренесено од ТАСС, министерството посочило дека околу 30 камиони кои превезувале војници и опрема го напуштиле полигонот во западниот воен округ по завршувањето на вежбите и се враќаат во нивните бази.