Навални во затвор изгубил 15 килограми, управата му се заканува со присилно хранење

пред 3 години

Aдминистрацијата на затворот во кој се наоѓа рускиот опозиционер Алексеј Навални се заканува дека ќе го храни со сила, бидејќи критичарот на Кремљ штрајкува со глад и изгубил 15 килограми откако пристигна во затворот минатиот месец, соопштија соработници на опозиционерот.

Навални има 77 килограми, што е осум килограми помалку од тежината на почетокот на штрајкот со глад и 15 килограми помалку од тежината во моментот на неговото пристигнување во казнената колонија, објави официјалниот профил на Алексеј Навални на „Твитер“.

„Гледајќи ја сериозноста на штрајкот со глад, администрацијата се заканува дека ќе започне да го храни на сила секој ден. Истовремено, Алексеј е преместен од медицинскиот оддел”, се додава во соопштението.

Сојузниците на Навални тврдат дека затворската администрација не дозволува затвореникот да биде прегледан од надворешен лекар.

Лидерот на руската опозиција и противник на рускиот претседател Владимир Путин започна штрајк со глад кон крајот на март, барајќи да добие соодветна медицинска нега поради акутни болки во грбот и нозете.

Кремљ одби да коментира за здравствената состојба на Навални, објаснувајќи дека тоа е работа на државната затворска служба. Таа служба претходно рече дека Навални ја прима потребната терапија.

Навални беше затворен во февруари и беше осуден на две и пол години затвор за кршење на условната казна.

„Русија, или поточно руските власти, можеби го водат Навални во ситуација на бавна смрт и се обидуваат да го прикријат она што навистина му се случува“, изјави минатата недела за „Ројтерс“ генералната секретарка на „Амнести Интернешнл“, Агнес Каламард.

Share
Scroll to Top