Наградите за иновации „Пеперутка“ ги слават напредните идеи од целиот Западен Балкан

Наградите за иновации „Пеперутка“ ги слават напредните идеи од целиот Западен Балкан

пред 4 часа

Регионалниот совет за соработка (RCC) синоќа ги додели победниците на четвртите Пеперутка награди за иновации, на церемонија одржана во Нови Сад, славејќи ги најоригиналните, највлијателните и најпрогресивните идеи од целиот Западен Балкан.

Во отворањето на церемонијата, генералниот секретар на RCC, Амер Капетановиќ, потенцираше дека иновацијата не е само технологија, туку имагинација, храброст и способност да се види светот каков што може да биде. „Иновацијата ги трансформира заедниците, индустриите и нашите животи. Секој чин на иновација, голем или мал, нè носи поблиску до подобро утре“, рече Капетановиќ, додавајќи дека речиси 600 апликации биле поднесени од почетокот на наградата пред четири години, од кои повеќе од 130 само оваа година. Тој истакна дека квалитетот на пријавите постојано расте, со многу идеи засновани на академски истражувања и социјално влијание, опишувајќи ја овогодишната група како „креативна, амбициозна и подготвена да ја обликува иднината на регионот“.

За да се обезбедат фер услови и неутралност, сите членови на жирито доаѓаат вон регионот.

Овогодишните победници беа објавени во шест категории, со прпознатлива извонредност во STEM, младински иновации, индустрија, зелени решенија, универзитетски иновации и претприемништво водено од жени.

Победници на 4. Пеперутка награди за иновации

Star Campers – победник во категоријата STEM
Структурирана астро-туристичка иницијатива што комбинира кампување, астрономија и еко-едукација. Го поттикнува руралниот развој, ги вклучува младите и промовира одржлив туризам, подигајќи ја свеста за заштита на темното небо.

PM2.5 TRAP – победник во категоријата Млади
Достапен, лесно приспособлив филтер за чист воздух за куќни оџаци, кој ги намалува PM2.5 емисиите до 98%. Лесен за инсталација и евтин, им овозможува на семејствата директно да го намалат штетното загадување на воздухот.

EcoTie (TechTie3D) – победник во категоријата Индустрија
Сервис за брз прототипинг и 3Д-печатење што испорачал повеќе од 300 функционални прототипи на стотици клиенти. Интегрирајќи рециклирање на пластика, ја поддржува циркуларната економија и ја намалува зависноста од увоз.

Soil Rebirth – победник во категоријата Зелени решенија
Го трансформира индустрискиот отпад во брикети за почва кои се активираат со вода и овозможуваат долгорочно озеленување. Покрива до трипати поголема површина од традиционалната почва, а решението е нискобуџетно, отпорно на климатски промени и циркуларно по дизајн.

Д-р Моника Стојанова – победник во категоријата Универзитет
Јогурт од бадем на база на нуспроизводи од храна, зелена екстракција и прецизна ферментација заснована на вештачка интелигенција. Одржлив, нутритивен и насочен кон намалување на отпадот, одговара на растечката побарувачка за еко-одговорни функционални продукти.

OsnaŽene – победник во категоријата Жени
Дигитална платформа за жени претприемачки која нуди бесплатни микро-веб страници и пристап до регионален онлајн пазар. Ја зголемува нивната видливост, дигиталните вештини и бизнис можностите.

За наградата

Отпочната во 2022 година, Пеперутка наградата за иновации на RCC ги слави поединците и тимовите чиишто идеи придонесуваат за позелен, попаметен и поконкурентен Западен Балкан. Во изминатите четири години, наградата прерасна во регионална иновациска платформа поддржана од надворешни оценувачи, академски партнери и пошироката иновациска агенда на RCC. Наградата е финансирана од Европската Унија.

Текстот Наградите за иновации „Пеперутка“ ги слават напредните идеи од целиот Западен Балкан е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top