Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, ќе следува стечај

Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, ќе следува стечај

пред 2 часа

Извршниот одбор на Народната банка на Србија донел одлука за одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Белград, објави српскиот портал „Блиц“.

Со судско решение, Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде именувана за стечаен управник на банката.

Од Народната банка на Србија соопштуваат дека пред одземањето на дозволата биле спроведени контролни активности насочени кон зголемување на ликвидноста на банката. При контролата било утврдено дека нејзината финансиска состојба значително се влошила во изминатиот период, како и дека постои можност за дополнително влошување на финансиската состојба и ликвидноста.

Поради тоа, биле загрозени интересите на депонентите, односно клиентите кои имаат депонирано средства во банката, се наведува во соопштението.

Одлуката е донесена врз основа на Законот за банки, откако биле исполнети законските услови за одземање на дозволата. Како што образложуваат од Народната банка, целта е заштита на интересите на депонентите и зачувување на стабилноста на финансискиот систем.

Агенцијата за осигурување на депозити во рок од седум работни дена треба да овозможи исплата на осигурените износи и располагање со средствата на депонентите, согласно Законот за осигурување на депозити.

Одлуката се однесува на Алта банка во Србија, додека Алта банка АД Битола претходно соопшти дека е самостојно правно лице, ликвидна и дека продолжува со редовно работење.

Текстот Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, ќе следува стечај е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top