Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави денеска за време на посетата на Белата куќа дека членките на Aлијансата мора да произведат повеќе оружје.
Алијансата заостанува зад Русија и Кина во однос на производството на оружје, рече Руте за време на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе „Ројтерс“.
Руте минатиот месец истакна дека членките на Алијансата ќе мора да ги зголемат трошоците за одбрана „многу над три проценти“ од БДП, објави бриселскиот „Политико“.
„Во следните месеци ќе договориме цел буџет“, рече Руте за време на интервјуто на Минхенската безбедносна конференција.
Тој додаде дека зголемувањето на распределбите „ќе бара приоритет на одбраната во однос на другите области“.
Алијансата поставува нови цели за способност, кои ќе дефинираат каде треба да се насочат дополнителни ресурси.
Руте нагласи дека веќе е јасно оти има недостиг од системи за противвоздушна одбрана, ракети со долг дострел и тенкови за одржување на воените сили.
„Не инвестиравме доволно во последните 40 години, особено по падот на Берлинскиот ѕид. САД со право бараат рамнотежа во овој поглед. Тоа е сосема логично“, рече Руте за трошоците за одбрана во Европа и Канада.
Руте додаде дека САД остануваат посветени на НАТО, и покрај неодамнешните изјави на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, кој рече дека европските сојузници „не можат да очекуваат присуството на Америка во Алијансата да трае вечно“.
САД придонесуваат повеќе од 50 отсто од својот БДП во НАТО, така што Алијансата е „првенствено американска организација“, рече Руте, додавајќи дека постои „јасна посветеност од НАТО кон Соединетите држави“.
Американскиот претседател Доналд Трамп побара од сојузниците да трошат пет отсто од својот БДП за одбрана, што е големо зголемување од два отсто на кои алијансата се согласи пред една деценија, што сега се смета за недоволно за да се спротивстави на заканата од Русија и потребата од повторно вооружување, а во исто време испраќање оружје во Украина, пишува Политико.
Новата цел, според бриселскиот портал, треба да биде усвоена на самитот на лидерите на НАТО во јуни во Хаг.
Текстот НАТО заостанува зад Русија и Кина во однос на производството на оружје, рече Руте е превземен од МАКФАКС.