НАТО пресретна две ирански ракети во Турција, Ердоган: Не сакаме да бидеме дел од оваа војна

НАТО пресретна две ирански ракети во Турција, Ердоган: Не сакаме да бидеме дел од оваа војна

пред 2 часа

Тензиите меѓу Турција и Иран се високи откако одбранбените сили на НАТО пресретнаа втора балистичка ракета испукана од Иран кон турска територија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше јасен во својата порака дека не сака неговата земја да биде вовлечена во војна, пишува Скај њуз.

„Нашата главна цел е да ја држиме земјата подалеку од овој пожар. Обезбедувањето на безбедноста на Турција и мирот за нејзините 86 милиони граѓани е наш апсолутен приоритет“, им рече Ердоган на своите министри вчера.

Неговите зборови дојдоа истиот ден кога беше пресретната втора иранска ракета, чии остатоци паднаа на поле во јужниот турски град Газиантеп. Првата ракета, испукана неколку дена претходно, исто така беше пресретната додека се упатуваше кон турскиот воздушен простор.

На ифтар вечера за амбасадорите во Анкара, претседателот беше уште поотворен. „Нема да прифатиме географијата на Блискиот Исток да биде ставена на операционата маса, исто како пред еден век“, рече тој.

„Минатата недела, како и денес, балистичките ракети насочени кон нашата земја беа неутрализирани на време, а ние многу јасно ги испративме потребните предупредувања до иранската страна. Уште еднаш нагласувам дека војната мора да заврши пред да се прошири во нашиот регион“, додаде тој.

Турскиот лидер инсистира дека активно работи на смирување на тензиите и дека одржал серија разговори со повеќе од десетина светски лидери за да се обиде да најде излез од кризата. Вчера вечерта тој разговараше и по телефон со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Од Анкара беше објавено дека поканата дошла на барање на Иран.

Во соопштението се вели дека Ердоган му рекол на својот колега дека Турција „не ги толерира нелегалните интервенции против Иран, како и таргетирањето на братските земји во регионот од страна на Иран“.

„Претседателот Ердоган изјавил дека таргетирањето на братските земји не му користи на никого и дека сето ова мора да се запре“, се додава во соопштението.

Претходно, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан го повика Иран да не го тестира трпението на Турција. „Ние не сме земја која лесно се провоцира. Разговаравме со нашите ирански пријатели и им кажавме дека е едно ако оваа ракета залута, но ако продолжи, нека бидат внимателни“, рече Фидан.

Текстот НАТО пресретна две ирански ракети во Турција, Ердоган: Не сакаме да бидеме дел од оваа војна е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top