Опфатот со вакцинација кај децата во Европа стагнира или опаѓа во последниве години, според нова студија што ги анализира податоците за вакцинацијата против седум болести во земјите на Европската Унија во периодот од 1980 до 2024 година. Од 2019 година, 16 земји забележале пад на опфатот со вакцинација за четири или повеќе од анализираните вакцини.
Вакцинацијата се смета за една од најефикасните мерки за јавно здравје; сепак, научниците предупредуваат дека колебањето во врска со вакцините и сомнежите во рамките на Европската Унија придонеле за пад на стапките на вакцинација и за повторна појава на болести што можат да се спречат со вакцинација.
Опфатот со вакцинација опаднал за сите седум анализирани вакцини во Бугарија, Кипар, Ирска, Холандија, Романија и Шведска. Пад е забележан кај пет од седумте вакцини во Германија и Шпанија. Во Франција и Италија, опфатот со вакцинација се зголемил за четири вакцини, а се намалил за три.
Најниска стапка на вакцинација во Романија
Највисоки стапки на вакцинација се забележани во Луксембург и Португалија, каде што опфатот со сите седум анализирани вакцини достигнал најмалку 95 проценти. Најниска стапка е забележана во Романија, каде што таа паднала под 80 проценти.
Научниците наведуваат дека падот на стапките на вакцинација започнал во периодот помеѓу 2019 и 2022 година, што се совпаѓа со пандемијата на КОВИД-19 и периодот непосредно по неа. Како една од можните причини, тие ги посочуваат пречките во рутинските програми за вакцинација на деца за време на пандемијата.
Тие предупредуваат дека падот на стапките на вакцинација го зголемува ризикот од слабеење и на колективната и на индивидуалната заштита од заразни болести. „Потребни се меѓународни, национални и локални мерки за да се променат овие трендови“, заклучија научниците.
Текстот Научниците предупредуваат на пад на стапката на вакцинација кај децата во Европа е превземен од МАКФАКС.





