Најмалку шест загинати по несреќа со ферибот во близина на Индонезија

Најмалку шест загинати по несреќа со ферибот во близина на Индонезија

пред 1 час

Најмалку шест лица загинаа, а повеќе од 120 се водат како исчезнати откако индонезиските власти утрово изгубија радиоконтакт со ферибот во Јаванското Море, соопштија спасувачките служби.

Досега се спасени вкупно 115 лица, соопшти агенцијата за потрага и спасување во Бањармасин.

Напорите за потрага и спасување продолжуваат за да се пронајдат исчезнатите, наведуваат локалните власти.

Радиоконтактот со фериботот „Вирго Транспорт 8“ бил изгубен рано утрово откако пловилото наишло на немирно море, според агенцијата.

Фериботот кој превезувал 243 лица, вклучувајќи ги и членовите на екипажот, патувал од Сурабаја на главниот индонезиски остров Јава кон Бањармасин во провинцијата Јужен Калимантан на Борнео, на оддалеченост од околу 500 километри.

Неговата последна позната позиција рано утрово била на околу 150 километри од Бањармасин, соопшти агенцијата.

Индонезија, архипелаг со повеќе од 17.000 острови и околу 280 милиони жители, во голема мера се потпира на фериботите за транспорт на патници и стока.

Минатиот месец, едно лице загина кога ферибот кој превезуваше повеќе од 170 луѓе се запали додека патуваше од Бали за Ломбок. Останатите патници беа спасени.

Во една од најтешките поморски несреќи во земјата досега, до 500 луѓе загинаа кога фериботот „Сенопати Нусантара“ се преврте во Јаванското Море додека патуваше од Борнео кон Јава во декември 2006 година.

Текстот Најмалку шест загинати по несреќа со ферибот во близина на Индонезија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top