Финска ќе го ограничи работното време на рестораните за претстојните божиќни и новогодишни празници со цел да се спречи растот и ширењето на заразата од новиот сој омикрон , соопшти денеска Владата на таа земја.
Според Ројтерс, почнувајќи од Бадник, баровите ќе мора да престанат да служат алкохол во 21 часот, а ќе работат до 22 часот.
Во соопштението од Владата се наведува дека од 28 декември наваму алкохол ќе се служи само до 17 часот, а баровите ќе бидат затворени до 18 часот, а рестораните ќе работат до 20 часот.
На баровите им е дозволено да примаат само 50 отсто од гостите од максималниот капацитет, а рестораните 75 отсто.
Владата, исто така, одлучи дека студентите ќе се префрлат на онлајн часови по Божиќните празници, а на странските патници кои доаѓаат во Финска ќе им треба доказ за вакцинација или закрепнување од вирусот или неодамнешен негативен тест за коронавирусот.
Исто така, како дел од новите мерки, беше предложено здравствените работници кои работат со лица со ослабен имунитет да мора да поседуваат зелен сертификат за Ковид, како и да се ослободат од данок на додадена вредност комплетите за тестирање во домот за да бидат подостапни до граѓани.
Додека Финска сè уште е меѓу земјите најмалку погодени од пандемијата, нејзината стапка на заболени се зголемува во последните недели, јавува Ројтерс.