Норвешки тинејџер уапсен во Велика Британија: Планирал убиство за банда поврзана со Иран

Норвешки тинејџер уапсен во Велика Британија: Планирал убиство за банда поврзана со Иран

пред 1 час

Деветнаесетгодишниот Норвежанец, Јоханес Натланд пристигнал во Обединетото Кралство со цел да изврши атентат во име на шведска криминална организација поврзана со иранскиот режим, беше соопштено на судот Олд Бејли во Лондон. Натланд бил уапсен на 19 март минатата година во хотел во Хадерсфилд, каде што полицијата пронашла два пиштоли и 12 парчиња муниција.

Пред судот, тинејџерот признал вина за поседување на огнено оружје (полуавтоматски пиштол и револвер) и муниција, но го негира обвинението за соучесништво во завера за убиство.

Според обвинителството, Натланд бил регрутиран од организираната криминална група „Фокстрот“ – шведска мрежа која ја користи иранскиот режим – при што му биле ветени 25.000 евра за да отпатува и да го изврши атентатот.

Преку пресретнати пораки меѓу друг норвешки тинејџер со прекар „Генералот“ и профил под име „Агент 47“, утврдено е дека се барало итно пронаоѓање на убиец за Велика Британија. Натланд се согласил на мисијата и покрај тоа што бил известен дека едно од лицата кои го регрутирале во меѓувреме било уапсено.

По слетувањето во Манчестер, Натланд со такси заминал за Западен Јоркшир. Според упатствата добиени преку апликацијата „Сигнал“ (Signal), тој го подигнал скриеното оружје и муницијата од шумска област во Хадерсфилд.

Обвинителството тврди дека Натланд купил гумени ракавици и бил упатен до локацијата на украден автомобил кој требало да се користи при нападот. Во пресретнатите пораки со пријател, на прашањето дали го тестирал оружјето, обвинетиот одговорил: „Нема шанси. Ќе биде тестирано на типот“, што според обвинителот потврдува дека имал јасна намера да изврши убиство.

Во раните утрински часови, пред да биде извршен нападот, полициски специјалци упаднале во неговата хотелска соба каде што го уапсиле. Покрај полуавтоматскиот пиштол „Лугер“ (Luger) и револверот, кај него биле пронајдени и 2.000 фунти во кеш. Идентитетот на целта која Натланд требало да ја ликвидира останува непознат, а се очекува судењето да трае околу три недели.

Текстот Норвешки тинејџер уапсен во Велика Британија: Планирал убиство за банда поврзана со Иран е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top