Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Текстот Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа е превземен од МАКФАКС.






